Наставничка им даде домашна на родителите, тројца веднаш прашаа дали е за оценка
Задачата била секој да ја прочита целата порака пред да праша што пишува во неа.

Наставничка во скопско училиште им зададе домашна на родителите откако на средбата по третпат објасни кога е приредбата. Задачата била до утре да ја прочитаат целата порака во групата и да ги запишат денот, часот и училницата. Тројца родители веднаш прашале дали е за оценка. Четвртиот прашал дали може да му ја препрати задачата во групата.
„Јас го знаев часот, само не бев сигурен дали важи и за нас што работиме до пет“, рече татко што седел во првата клупа. Наставничката му покажала дека приредбата е во шест. Тој ја препишал шестката и го прашал таткото зад него што имале за првото прашање.
До вечерта две мајки предложиле да ја поделат домашната. Едната ќе го прочита почетокот на пораката, другата крајот. Кога ги споредиле одговорите, сфатиле дека часот е во средината и побарале помош од децата.
Утредента само еден родител ги донел сите три одговори. Наставничката го пофалила, а тој ја замолил да не му кажува на син му дека ја препишал домашната од него.