Факултет понуди три термини за изборен предмет, студентите бираат од кој задолжителен час ќе отсуствуваат
Студентите можат да изберат кога ќе го слушаат предметот, под услов во тој час веќе да се на задолжително предавање.

Факултетот им понуди на студентите од втора година еден изборен предмет во три термини, откако утврди дека со еден термин немаат доволно избор. Сите три се преклопуваат со задолжителна настава, но од службата посочија дека студентите сега можат сами да одлучат од кое предавање ќе отсуствуваат.
„Во понеделник имам задолжителни вежби, во среда задолжително предавање, а во петок лабораториска. Ми рекоа да го изберам денот кога најмалку ќе ми се познава дека ме нема“, изјави студентката Мила. Таа го избрала петокот, бидејќи во лабораторијата досега двапати ѝ запишале присуство додека чекала пред врата.
Откако повеќето студенти го избрале истиот ден, факултетот ги споил трите групи и го префрлил предметот во понеделник. Одлуката била образложена со тоа што само тогаш има слободна училница, токму затоа што целата втора година е на вежби во другата зграда.
Во записникот од седницата на наставниот совет било наведено дека студентите покажале голем интерес за предметот. Како доказ бил приложен списокот на сите што морале да го запишат за да го заверат семестарот.