Фирма почна да плаќа прекувремено, вработените ќе ги одработат парите во сабота
Сметководството пресметало дека по секоја исплата фирмата добива уште еден работен ден.

Една скопска фирма во петокот првпат им исплати прекувремени часови на вработените, а во истиот мејл ги повика во сабота да ја одработат разликата во платата. На списокот за саботната смена први се најдоа луѓето што претходниот месец останале најдолго за да завршат нарачка.
„Ми се јавија од сметководство да проверат дали ми легнале парите. Им реков дека конечно се гледа што сме сработиле“, рече вработена од набавка. „Ми рекоа дека токму затоа се јавуваат. Со основната плата сум покривала до петок.“
Раководителот предложил саботата да се води како редовен работен ден за никој повторно да не западне во долг. Сметководството го одбило предлогот бидејќи часовите веќе биле заведени како прекувремени за следниот месец. На вработените им било понудено да ја вратат уплатата и да си одат дома, под услов прво да останат по смена за да го потпишат барањето.
Во понеделникот управата соопшти дека прекувремената работа станала самоодржлива. За следниот месец веќе е одобрена уште една сабота.