Факултет воведе практична настава преку поправање на сè што не работи на факултетот
Реални проблеми има доволно. За опрема ќе се разговара подоцна.

СКОПЈЕ — Еден факултет воведе практична настава преку која студентите ќе учат поправајќи го сè она што не работи во зградата. Новиот модел веќе обезбедил реални проблеми за неколку генерации, без потреба од дополнително вложување во опрема.
„Индустријата бара луѓе што умеат да се снајдат“, изјави продеканот, покажувајќи кон проекторот што не се вклучува од март. Студентите по информатика ќе го оспособуваат интернетот, економистите ќе пресметуваат зошто нема пари за сервис, а идните комуниколози ќе им објаснуваат на колегите зошто предавањето повторно е одложено.
За разлика од досегашните вежби, задачите немаат однапред познато решение. Немаат ни упатство, резервни делови или лице што се сеќава кога последен пат работеле. Студентката Сара, 23, побарала пристап до лабораторија за да го провери уредот, но добила одговор дека токму отклучувањето на лабораторијата е практичната задача на друга група.
Факултетот очекува програмата значително да ја подобри вработливоста. Првите дипломци ќе имаат искуство со рокови, недостиг на ресурси и преземање одговорност за туѓи дефекти. Дипломите ќе бидат врачени свечено, штом групата задолжена за печатачот го заврши својот дипломски проект.