Пациентка побара второ мислење, амбулантата ја врати кај истата лекарка од друга врата
На вториот преглед лекарката прво ја прашала што ѝ кажала колешката.

Пациентка во една скопска амбуланта вчера побара второ мислење по прегледот и доби термин истиот ден во соседната ординација. Кога влегла, ја затекнала истата лекарка, која во меѓувреме се префрлила на другото биро. На шалтерот ѝ потврдиле дека терминот е правилно закажан, бидејќи бројот на ординацијата е различен.
„Ме праша што ми кажала колешката. Ѝ реков дека колешката ми кажа да дојдам кај неа ако имам уште прашања“, рече пациентката. Лекарката го отворила првиот извештај, го прочитала и рекла дека во целост се согласува со напишаното, освен со една запирка.
На шалтерот потоа одбиле да го заведат второто мислење како посебно, бидејќи двете имале ист потпис. Лекарката предложила вториот извештај да го потпише од другата страна на листот. Службеничката го прифатила документот откако утврдила дека потписите повеќе не се еден до друг.
Пациентката на излегување прашала каде може да добие трето мислење. Ѝ рекле да почека да се ослободи просторијата за пауза.