Маало се откажа од лежечки полицаец откако тетка Вера почна да им вика на возачите по име
Возачите кочат под балконот, а тие што не ги познава ги прашува чии се.

Жителите на една скопска улица го повлекоа барањето за лежечки полицаец откако 63-годишната Вера од првиот кат почна да им вика по име на возачите што минуваат пребрзо. По првата недела, жителите забележале дека повеќето кочат уште кај влезот до нејзиниот, од каде што таа веќе може да им ги види лицата.
„Го гледам Дејан, ја стиска педалата, а мајка му вчера ми рече дека е примерен возач“, изјави Вера. „Му викнав само ‘Дејане’, а тој сам се врати во рикверц да ми каже дека брзал по леб.“ За возачите што ги гледа првпат, Вера има едно дополнително прашање. „Чиј си ти?“
Станарите од соседниот влез понудија да ѝ донесат столче за балконот откако таа за време на ручек видела како две возила ја користат паузата за да поминат без да забават. Едниот возач утредента ја прашал во колку јаде, за да си го испланира излегувањето. Оттогаш Вера руча на балкон.
Засега, единственото возило што редовно ја минува улицата без да забави е она на синот на Вера. Нему му вика да побрза, му се лади ручекот.