Двајца ја поделија сметката на прв состанок, за бакшишот закажаа втор
Келнерот седнал кај нив кога пресметката стигнала до тоа кој прв предложил да се видат.

Двајца скопјани синоќа успешно ја поделија сметката на првиот состанок, па закажаа втор за да се договорат кој ќе го остави бакшишот. Сметката била платена до денар, откако секој го посочил својот дел. Кај бакшишот двајцата се согласиле дека треба да се остави нешто и истовремено ја повлекле раката.
„Тој рече дека ќе остави, па јас реков дека нема потреба, ќе оставам јас“, рече девојката. „Потоа ме послуша, што искрено ми се допадна додека не сфатив дека сега јас треба да оставам. Затоа го прашав дали секогаш толку брзо се согласува.“
Келнерот повлекол стол за да им објасни дека бакшишот е доброволен, но двајцата го замолиле прво да утврди кој од нив ја предложил средбата. Тој се сетил дека масата ја резервирал мажот, по што жената потсетила дека таа му го кажала бројот на ресторанот. Келнерот побарал да не го вовлекуваат и ресторанот.
За вториот состанок двајцата договориле прошетка. Додека излегувале, го прашале келнерот во колку завршува со работа за да знаат каде да го најдат.