Ботаничари им зборуваа на растенијата за да растат, најбрзо порасна она што не ги слушаше
Растението од контролната група го доби единственото место на сонце, бидејќи кај прозорецот било потивко.

Двајца ботаничари вчера го завршија пробното истражување за тоа дали растенијата растат побрзо ако некој им зборува. Три растенија секое утро слушале по десет минути разговор, а четвртото го чувале крај прозорецот, доволно далеку за да не ги слуша. По три недели тоа било двојно повисоко од другите, кои стоеле на маса до ѕидот.
„Почнавме со кратки охрабрувања, па преминавме на обичен муабет“, рече ботаничарката. „Последната недела им раскажувавме и што сме правеле за викенд. Во тој момент растението на прозорецот веќе имаше два нови листа, а јас уште не бев стигнала до недела.“
Кога колегата предложил да проверат дали разликата е до сонцето, таа се согласила сите да ги префрлат на прозорец. Таму имало место за две саксии. Едната ја зафатило највисокото растение, а за другата истражувачите се договориле секое утро да ја менуваат саксијата и да не зборуваат за да не ги помешаат условите.
По првото тивко утро, ботаничарката прашала дали барем може да му каже на колегата кое растение е на ред. Тој ѝ покажал да почека додека не се тргнат од прозорецот.