Новиот јавен тоалет остана заклучен за да се зачува како нов
Првиот месец без корисници помина без ниту еден дефект.

СКОПЈЕ — Новоотворен јавен тоалет во маалски парк останува заклучен за да се зачува во состојбата во која бил свечено предаден во употреба. Од надлежната служба велат дека објектот е целосно функционален и дека токму затоа не треба да се изложува на непотребно користење.
„Не можеме нешто што толку убаво го направивме веднаш да го пуштиме да се расипе“, објасни координаторот. Клучот се чува во административната зграда, оддалечена петнаесет минути пеш. За отворање е потребно присуство на одговорното лице, кое работи до три, освен кога е на терен да проверува дали тоалетот е заклучен.
Жителите предложиле да се постави работно време. Службата одговорила дека тоа би создало очекување вратата навистина да биде отворена во наведениот период. Наместо тоа, ќе се објави број за информации, на кој граѓаните ќе можат да дознаат зошто денес не може.
По првиот месец, контролата утврдила дека санитарната опрема е беспрекорно зачувана и дека нема ниту една поплака за хигиената внатре. Поради одличните резултати се разгледува изградба на уште два вакви објекти. За граѓаните што сакаат да го видат постојниот однатре, најсигурна опција останува следното свечено отворање.