Амбуланта повика палто на преглед, пациентите потврдија дека било пред нив
Сопственикот излегол накратко, но чекалницата одбила да му го прескокне редот.

Медицинска сестра во скопска амбуланта утрово го повика следниот пациент, по што тројца од чекалницата покажаа кон палто на столот до вратата. Сопственикот излегол да го премести автомобилот. Палтото, според присутните, било таму од осум и никој од луѓето што дошле по него не сакал да си го расипе редот со тоа што ќе влезе прв.
„Јас сум веднаш по него. Ако го прескокнеме, после ќе испадне дека и мене може да ме прескокнат додека сум во ве-це“, рече пациентката до палтото. Кога сестрата прашала под кое име е закажан прегледот, жената го проверила внатрешниот џеб и рекла дека ќе мора да почекаат да се врати човекот.
По десет минути од ординацијата побарале да влезе кој било што е присутен. Двајца станале, но повторно седнале откако од ходникот се слушнале чекори. На вратата се појавил човек што дошол само да праша каде се земаат резултати. Му кажале дека е по палтото.
Сопственикот се вратил пред пладне и го облекол палтото. Кога тргнал кон ординацијата, чекалницата побарала да застане последен. Неговиот ред, му објасниле, веќе поминал.