Пар се договори да се кара само насамо, почна да кани гости секоја вечер за да има мир
Последниот гостин не стигнал ни до лифтот кога двајцата го викнале назад.

Триесет и двегодишната Елена и нејзиниот партнер Дамјан минатата недела се договориле расправиите да ги водат само насамо, откако на вечера кај пријатели двајцата почнале да објаснуваат кој прв задоцнил. Од понеделникот наваму секоја вечер примаат гости. Вчера Дамјан го поканил и соседот од трети, со кого дотогаш само се поздравувал.
„Додека има некој дома, ако го прашам дали ќе го фрли ѓубрето, ми вели ‘секако’“, рече Елена. „Претходно ме прашуваше што сакам да кажам со тоа.“ Дамјан потврди дека распоредот функционира, освен во средата, кога гостинката отишла во тоалет и двајцата морале да седат во тишина додека да се врати.
Синоќа нивниот пријател Боби се задржал до единаесет. Кога станал да си оди, Елена му понудила да остане уште малку, а Дамјан предложил да преспие. Боби одбил и излегол. Пред да стигне до лифтот, двајцата го викнале назад да пресуди кој од нив го испратил прерано.
Боби вечерва повторно ќе оди кај нив. Му рекле дека ќе има и други гости, за никој да не мора да зазема страна.