Општина пушти плоштад во употреба, граѓаните засега можат да го користат однадвор
По првиот викенд, обиколувањето на оградата влезе во извештајот како рекреација на плоштадот.

Во скопско маало во саботата беше пуштен во употреба новиот плоштад, со привремена ограда околу целата површина. Општинската екипа го завршила поплочувањето во петокот, а изведувачот ја заклучил портата за да може во понеделник на раат да провери дали сè е завршено.
„Дојдовме со децата и направивме цел круг за да го најдеме влезот“, рече жител од соседната зграда. На вториот круг сретнал општинска службеничка што бележела колку луѓе дошле. Го прашала дали првиот круг му бил за прошетка или и тогаш го барал влезот, за да знае во која рубрика да го запише.
Во извештајот за првиот викенд, општината наведе дека плоштадот привлекол пешаци од сите четири страни. Најголемо задржување имало кај портата, каде што посетителите се собирале секогаш кога некој од другата страна ќе посегнел по џебот. Службеничката побарала таму да се предвиди клупа.
Во понеделникот изведувачот потврди дека плоштадот е готов и предложи да ја тргне оградата. Општината побара уште една недела, за да измери дали посетеноста ќе остане иста откако секој ќе може да помине само еднаш.