Археолози открија античка гостинска соба со влез доволно широк само за да кажеш дека ќе навратиш
Тимот утврдил дека прагот е истрошен само од надворешната страна.

Археолози во Пелагонија открија гостинска соба до која води влез низ кој човек може да ја протне главата и да каже дека ќе наврати другпат. На камениот праг има траги од стоење само однадвор, а веднаш до него е пронајден поширок отвор што, според тимот, бил заѕидан додека куќата сè уште била населена.
„Прво мислевме дека се работи за прозорец. Потоа колегата застана на прагот и јас однатре сосема природно му реков да повели. На двајцата ни беше јасно дека нема како“, рече археологинката што ги води ископувањата. Колегата пробал да влезе странично, но така можел само подолго да остане заглавен во разговорот.
Во собата тимот пронашол камена клупа со речиси недопрена површина. Археолозите претпоставуваат дека домаќините ја покажувале од прагот кога ги убедувале гостите дека навистина има каде да седнат. Засега нема траги дека некој ја проверил понудата.
Екипата планира да го отвори локалитетот за посети напролет. Од куќата најдобро е зачуван токму делот на кој посетителите ќе бидат замолени да почекаат надвор.