Парк остави парче тревник да подивее, екипата секое утро го средува да изгледа диво
Кога ветерот ги разнесе лисјата, екипата донесе нови од уредениот дел на паркот.

Скопски парк остави дел од тревникот да расте без косење, а од вчера работниците доаѓаат секое утро да проверат дали изгледа доволно диво. При првата проверка координаторката забележала дека целата висока трева се наведнала во иста насока. Побарала неколку стебленца да се исправат за да не изгледа како некој намерно да ги наредил.
„Лисјата сами паѓаат, ама не паѓаат рамномерно“, рече работникот задолжен за делот што не се одржува. „Кај дрвото ги има премногу, а на другиот крај нема ни едно. Ги прераспределувам да се гледа дека никој не ги собира.“
Во текот на денот ветерот ги разнел наредените лисја на косениот тревник. Другата екипа ги собрала и ги однела. Работникот побарал да му ги вратат барем оние што изгледаат како да паднале тука. Колегите му донеле две купчиња и го прашале дали да ги растурат или да ги остават така за да изгледа поприродно.
Паркот соопшти дека од понеделник и втор дел од тревникот ќе биде препуштен на природата. Работникот побарал тоа да почека до вторник, бидејќи во понеделник нема кој да го среди.