Судија додаде четири минути, играчите ги потрошија прашувајќи уште колку има
Домашните и гостите првпат се согласија дека треба да се додаде уште време, откако го потрошија првото.

Фудбалски судија на аматерски натпревар во Скопје вчера покажа четири минути надополнување, по што двајцата капитени дотрчаа да прашаат дали четирите минути веќе течат. Судијата потврдил дека течат. Капитенот на домашните потоа прашал дали се брои и времето во кое тој прашува, а гостинскиот капитен се вмешал да провери дали прашањето важи за двете екипи.
„Ми покажа четири прста, па по муабетот ми покажа три“, рече домашниот капитен. „Го прашав дали ја сменил одлуката. Ми рече дека поминала минута. Тогаш го повикав колегата од другата екипа да чуе и тој, за да не испадне дека само мене ми скратил.“
Во третата минута двајцата капитени се договориле да ја вратат топката во игра штом судијата прецизно им каже колку време останало. Тој погледнал во часовникот и им рекол дека имаат уште половина минута. Едниот тргнал кон топката, па се вратил да провери дали половината е од моментот кога прашал или од моментот кога добил одговор.
Судијата означил крај. Играчите веднаш се собрале околу него да побараат надополнување за изгубените четири минути. Овојпат никој не прашал кога почнуваат.